Tesla го започна најавениот процес за намалување на бројот на вработени

Производителот на електрични возила Тесла отпушти повеќе вработени во одделот за софтвер, сервис и инженерство, објави технолошката публикација Electrek, повикувајќи се на извори запознаени со ова прашање, пренесе Ројтерс.

Потегот доаѓа откако производителот на автомобили предводен од Илон Маск го распушти одделот за полнење електрични возила откако Тесла минатиот месец објави дека ја намалува глобалната работна сила за повеќе од 10%.

Вработените во Тесла добија е-пошта за време на викендот во која ги информираа за пошироките отпуштања.

Тесла, чии акции пораснаа за повеќе од 1%, не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар.

Компанијата минатиот месец објави дека ќе отпушти повеќе од 6.700 вработени на своите локации во Тексас, Калифорнија, Невада и Њујорк.

Тесла е под притисок од падот на продажбата и засилената ценовна војна меѓу производителите на автомобили бидејќи високите каматни стапки го забавија растот на продажбата на електрични возила.

Компанијата сака да се фокусира на софтвер за автономно возење, роботаксија и хуманоидниот робот Optimus, а Маск може да ги намали трошоците за одредени тимови за да ги зачува парите за тие проекти, велат аналитичарите.