Тесла инвестира 250 милиони долари во фабрика за батерии во близина на Берлин

Американскиот производител на електрични возила „Тесла“ има намера да инвестира речиси 250 милиони долари во зголемување на капацитетот за производство на батерии во својата фабрика во близина на Берлин, истовремено создавајќи нови работни места и зајакнувајќи го својот синџир на снабдување, објави компанијата во вторник.

Инвестицијата треба да создаде услови за годишен производствен капацитет од 18 гигават часови во фабриката во градот Гринхајде, југоисточно од германската престолнина. Според компанијата, ова е значително зголемување во споредба со претходните осум гигават часови.

„Зголемувањето на производството на батерии ќе биде придружено и со значителен скок на побарувачката за работна сила“, се вели во соопштението за медиумите на Тесла.

„Од батерии до електрични возила, очекуваме да започнеме со производство на сè на истата локација од 2027 година“, додаде компанијата.