Tesla Model 3 остана без волан среде возење

46

Откако Tesla започна со масовно производство на електрични автомобили, постојано се појавуваат забелешки за завршната изработка на возилата.

Најмногу замерки Tesla добива за Model 3. Сепак, истите најмногу се однесуваат на невнимателно склопените панели од каросеријата, неквалитетното фарбање, гребаниците на надворешноста и слични детали од козметичка природа. Овие замерки беа припишувани на неискуството со оглед на тоа дека станува збор за релативно млада автомобилска компанија.

Но, најновиот инцидент сигурно ќе предизвика нови главоболки кај одговорните лица во Tesla. Имено, за време на возење на еден Model 3 во Велика Британија му се “откачи“ воланот. Тука станува збор за сериозен проблем кој ја загрозува безбедноста на патниците. Според информациите, сопственикот на овој Tesla Model 3 од градот Блекпул, го добил возилото пред нешто повеќе од еден месец. Практично станува збор за речиси ново возило. За среќа, управувачот му се откачил во момент кога се движел наназад со мала брзина, на приодниот пат до својата куќа. Меѓутоа, можел да помине и многу полошо бидејќи претходно истиот ден со својот автомобил минал 30-тина километри.

Инаку, сопственикот на возилото истакна и дека првично автомобилот требал да му биде испорачан во октомври 2019 година. Но, поради доцнењето во производството пристигнало во март, во екот на пандемијата на коронавирусот. Поради тоа и немал некоја шанса да помине некоја поголема километража, туку само 550 километри. Тоа е значително помалку од она што го планирал со оглед на тоа, како што самиот вели, е долгогодишен вљубеник во Tesla автомобилите кој едвај чекал да го набави Model 3.

New York Post пренесува дека во компанијата Tesla признале дека воланот не бил фабрички правилно прицврстен и дека ќе спроведат истрага како дошло до инцидентот. Истрага по службена должност ќе покрене и надлежното британско државно тело кое се грижи за безбедност во сообраќајот.

Во меѓувреме, од компанијата Tesla го презедоа споменатиот Model 3, го прицврстиле воланот според прописите и го вратиле автомобилот кај сопственикот.

Преземено од Avtoplus.mk