Tesla подготви освежување за Model S и Model X

27

Tesla ги сподели првите информации и фотографии за освежените Model S и Model X кои се разликуваат многу од претходните унапредувања на компанијата.

Model S и Model X добиваат значително унапредување и совежување од страна на Tesla. Компанијата ги сподели првите фотографии и информации од обновените модели, а за разлика од претходно, кога Tesla редовно и минимално ги менуваше своите автомобили, сега двата модели добиваат драстично променет ентериер, како и Plaid варијанти.

Новата Plaid верзија на Tesla Model S се карактеризира со три електромотори со комбинирана моќност од 1.034 КС и цена од 120.000 долари. Според информациите од компанијата, автомобилот се одликува со автономија на движење од 627 километри со едно полнење, додека спринтот од нула до 60 милји на час (0-96 км/ч) се достигнува за „1,99“ секунди. Максималната брзина изнесува 322 километри на час, ако автомобилот е опремен со „вистинските гуми“, како што вели Илон Маск.

Доколку ова не е доволно, Tesla ќе лансира и Plaid+ варијанта на Model S која ќе нуди над 1.100 КС комбинирана моќност од трите електромотори и „најбрзиот спринт од нула до 60 милји на час и четврт милја, побрзо од било кој друг автомобил во сериско производство“, а цената стартува од 140.000 долари. Tesla истакнува дека спринтот од 0 до 60 милји на час е под две секунди, а четврт милја (400 метри) се изминува за помалку од девет секунди, додека опсегот на движење е 837 километри.

Tesla исто така ќе понуди и Plaid верзија на Model X со 1.034 КС која од од 0 до 60 милји на час стигнува за 2,5 секунди, а максималната брзина ќе изнесува 262 километри на час. Model X Plaid пристигнува со опсег на движење од 547 километри со едно полнење и цена од 119.990 долари.

Сепак, најголемата вест за освежените Model S и Model X е освежената внатрешност, каде Tesla подготви целосно нов ентериер со три нови екрани. Централната конзола сега се карактеризира со голем landscape 17-инчен инфозабавен екран, како додаток на 12,3-инчниот дигитален инструмент кластер поставен пред возачот. Трет, 8-инчен екран е додаден на задниот дел од централната конзола насочен кон патниците во задниот дел, овозможувајќи им контрола на клима-уредот и инфозабавниот систем.

Веројатно најшокантниот нов додаток кај освежените Model S и Model X е новиот управувач кој делува како да е од некој вселенски брод. Првично претставен кај концептот Roadster, управувачот делува како обичен трикран управувач со рамно дно, со тоа што горниот дел недостасува. Ваков тип на управувач е сосема нормален за авиони, каде што нема потреба од повеќе ротирања. Потегот на Tesla да го додаде ова во патнички автомобил предизвикува прашања околу безбедноста во секојдневни ситуации, како што е градското возење и паркирање.

Tesla ги тргна и рачките зад управувачот, како и селекторот на брзини. Овие контроли сега се поставени на самиот управувач во форма на копчиња чувствителни на допир, заедно со пар на „скролувачки“ копчиња.

Од Tesla истакнуваат дека двата нови централни екрани на унапредените Model S и Model X се карактеризираат со гејминг компјутер со „речиси 10 терафлопи“ на процесирачка моќ, што е отпирлика исто како и гејминг конзолите од најновата генерација, овозможувајќи на истите да се играат најновите игри, заедно со веќе достапните аркадни игри преку бежичен контролер.

Премиум аудио систем со 22 звучници со активен прекинувач на бучава, греење на седиштата напред и назад, тро-зонски клима-уред со HEPA филтрација на воздух и ултравиолетова и инфрацрвена заштита на секоја стаклена површина, се само дел од карактеристиките кај новите Tesla Model S и Model X. Model S исто така ќе добие и нов целосно стаклен покрив.

Базичната верзија на освежената Tesla Model S е Long Range со двоен електромотор, кој нуди опсег на движење од 663 километри. Цените за овој модел стартуваат од 79.990 долари, што е 10.000 долари повеќе од неосвежената верзија.

Преземено од Avtoplus.mk