Тетекс престанува со производство на тешка конфекција

401

Текстилната компанија Тетекс од Тетово, во текот на февруари оваа година, престанува со производство на тешка конфекција, стои во соопштението објавено на Македонска берза.

“Заради запазување  на правата и интересите на акционерите и заради одржување и зголемување на вредноста на капиталот од една страна и грижа за вработените, зголемување на општествена одговорност и животната средина од друга страна, Тетекс АД Тетово во текот на месец февруари 2020 год. ќе престане со производство на тешка конфекција и со максимално ангажирање и мобилизирање на  расположливите материјални и човечки ресурси во наредниот период ќе се ориентира кон останатите  и нови попрофитабилни дејности“, стои во информацијата.

Тетекс АД Тетово е компанија којашто се занимава со текстилна индустрија. Во оваа фабрика се произведуваат машки и женски конфекциски производи од различни типови на ткаенини. Тетекс АД Тетово е извозно ориентирана компанија и главни извозни пазари се во Европа (Германија, Италија, Велика Британија, Франција, Данска, Грција, Австрија, Словенија, Хрватска, Бугарија) и Америка. Покрај основната дејност групацијата Тетекс АД Тетово има вложувања и во други дејности и тоа: банкарство (најголем поединечен акционер на ТТК банка АД Скопје, електро – машински услуги и инженеринг, трговија со нафтени деривати итн).

Фото: Pexels