Тетово донира 6.000 долари во фондот на УСАИД за поддршка на жени претприемачи во Полог

46

Општина Тетово вчера потпиша меморандум за соработка со кој донираше 6.000 долари на Фондот за поддршка на жени и млади претприемачи. Фондот беше основан од УСАИД во 2014 за да обезбеди капитал за започнување и проширување на бизниси предводени од жени и млади, овозможувајќи им да ги зголемат производствените капацитети, да создадат нови работни места и да ја подобрат економијата во полошкиот регион.

„Малите и новите претпријатија често се соочуваат со бројни препреки при обезбедувањето на заеми и капитал. За жените претприемачи препреките често се уште поголеми. Со овој фонд ние работиме на отстранување на тие пречки“, рече Џес Бејли, амбасадорот на САД во Македонија.

Три компании од Боговиње исто така направија донации за фондот. Фриготехника, Ас-Мобеланд и Универзал Ауто Партс донираа пари и опрема со вкупна вредност од околу 10.000 долари. Освен почетната донација на УСАИД од 15.000 долари, Фондот претходно има добиено донации од Еколог – Тетово и Општина Боговиње. Со донациите во недела, вкупната сума на донации ќе достигне 56.000 долари. Општина Брвеница исто така се очекува да направи донација во блиска иднина. За да се обезбеди долгорочноста на Фондот, УСАИД ги охрабрува сите бизниси и државни институции да инвестираат во него.

Истражувањата покажуваат дека општества со поголема родова еднаквост доживуваат побрз економски развој. И јавниот и приватниот сектор се стекнуваат со придобивки кога жените можат целосно да учествуваат во економијата. Во изминатата година Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси им помогна на голем број на жени претприемачи со доделување на грантови за мали бизниси со потенцијал за раст. Со помошта на Фондот за поддршка на жени и млади претприемачи, грантистите двојно го зголемија нивното производство и колективно создадоа 76 нови работи места.

Кандидатите за поддршка од Фондот се номинирани од страна на Советодавен одбор на локални жени од бизнис заедницата и претставници од јавниот сектор. УСАИД ги охрабрува инвеститорите и малите бизниси кои ги исполнуваат критериумите да контактираат со Советодавниот одбор на [email protected]