Тетово за првпат добива јавен превоз

167

Преку Проектот за подобрување на општински услуги кое Министерството за финансии го спроведува заедно со Светска банка општина Тетово набави пет автобуси за градски превоз во вредност од 720.000 евра. Со ова општина Тетово за првпат добива јавен превоз во градот со воведување на три градски рути. На настанот за примопредвање на автобусите присуствуваа министерот за финансии, Фатмир Бесими и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.

Министерот за финансии во своето обраќање истакна дека на граѓаните на Тетово им се обезбедува една нова општинска услуга, која ќе придонесе за подобрување на условите за живот во општината.

“Со ова на граѓаните на Тетово ќе им се обезбеди една нова општинска услуга, која ќе придонесе за: прво, безбеден превоз на патници, второ – поефикасен сообраќај во градот и трето, и особено битно, намалување на загадувањето. Исто така, со ова се отвораат и нови работни места за граѓаните во јавното претпријатие за транспорт.  За набавката на автобуси преку МСИП-проектот општина Тетово доби 72,6 милиони денари или 1,18 милиони евра. Со реализирање на јавната набавка постигната е пониска цена за автобусите од 44,3 милиони денари или околу 720 илјади евра, додека за останатите средства има можност општината да ги искористи за друг проект“, рече Бесими.

Градоначалничката на Тетово Арифи посочи дека автобусите ќе бидат предадени на користење на локалното јавно-транспортно претпријатие Тетово транспорт. Со набавката на овие автобуси градот Тетово за прв пат добива јавен превоз за потребите на жителите на градот и околните населени места.

Планирани се три рути за одвивање на јавниот транспорт низ градот, кои ги опфаќаат главните артерии на градот во сите делови. Првата рута е од автобуската станица на улица Борис Кидрич до Универзитетот на Југоисточна Европа. Втората рута се движи по улиците Борис Кидрич, Иво Лола Рибар, Страшо Пинџур, т.ц. Мерџан, Илинденска, до Универзитетот ЈИЕ, улиците Љуботен, Киро Ристоски Дрнц, Ѓорче Петров, Браќа Миладинови, Булевар Видое Смилевски Бато, 29 Ноември, Благоја Тоска, Маршал Тито, Булевар Видое Смилевски-Бато и повторно завршува кај автобуската станица на улица Борис Кидрич. Третата рута по улиците Борис Кидрич, Булевар Видое Смилевски Бато, Маршал Тито, Благоја Тоска, 29 Ноември, Булевар Видое Смилевски Бато, Браќа Миладинови, Ѓорче Петров, Киро Ристоски Дрнц, Љуботен, Илинденска, Универзитет ЈИЕ и се враќа по Илинденска до т.ц. Мерџан, улица Страшо Пинџур, Иво Лола Рибар, Благоја Тоска и завршува кај автобуската станица на улица Борис Кидрич. Со овие три рути, се покрива целата територија на градот Тетово.

Бесими посочи и дека ова не е прв пат општина Тетово да реализира капитални проекти преку МСИП – проектот. Досега општина Тетово има добиено околу 3 милиони евра за спроведување на проекти во општината, како доизградба на булеварот Видое Смилевски – Бато, набавка на фотоволтаици, изградба на локални патишта и набавка на општинска механизација.

“Проектот за подобрување на општински услуги има за цел обезбедување на подобри услови за живот на граѓаните преку подобрување на општинските услуги. Преку овој проект се инвестира во капитални инвестиции низ општините со цел да се подобрат услугите кои тие ги даваат и на тој начин да се подобри животот на граѓаните кои живеат во нив. Се инвестира во локални патишта, водоводи, училишта, градинки, енергетска ефикасност, механизација и машини – односно се што придонесува за општинските услуги. Овој проект трае повеќе години и има вкупна вредност од околу 100 милиони евра. Преку него се дејствува и кон развој на локалните економии и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните“, рече Бесими.

Министерот за финансии посочи дека минатата година Проектот за подобрување на општински услуги имал исклучително добра реализација на капиталните проекти од 98,75%. Завршени се 43 капитални проекти во 37 општини во вредност од над 10 милиони евра од кои директна корист ќе имаат околу 150 илјади граѓани. Станува збор за опремување на училишта, градинки, изградба и реконструкција на локални патишта, на филтер станици, водоводни мрежа и други проекти кои придонесуваат за подобрување на општинските услуги.