Европската унија подготвува „паметни санкции“ за увозот на руска нафта, објави лондонскиот весник „Тајмс“, повикувајќи се на потпретседателот на Европската комисија, Валдис Домбровскис.
„Работиме на шестиот пакет санкции и меѓу опциите разгледуваме некаква форма на ембарго на нафта“, изјави за Тајмс претставник на ЕК.
„Кога воведуваме санкции, тоа мора да го направиме на начин што ќе го зголемиме притисокот врз Русија што е можно повеќе и ќе ја минимизираме колатералната штета што ќе ја претрпиме самите“, нагласи Домбровскис.
Деталите за санкциите сè уште не се договорени, но може да вклучуваат постепено укинување на увозот на руска нафта или воведување царини за извоз над одредена сума, наведува потпретседателот на ЕК.
Русија е најголемиот снабдувач на нафта во Европа
Русија е најголемиот снабдувач на нафта во Европа и во 2020 година нејзината нафта сочинуваше четвртина од европскиот увоз. Приближно една третина од бруто достапната енергија во Европа се произведува од нафта и нафтени деривати, во широк опсег на сектори, од транспорт до хемиско производство.
Украина и некои членки на ЕУ, вклучувајќи ги Полска и Литванија, повикаа на ембарго на руската нафта и гас, додека Германија и Унгарија се против оваа опција во блиска иднина.
Една третина од приходите од извозот на Русија беа остварени минатата година од продажба на нафта и нафтени деривати. Европа во моментов троши околу 450 милиони долари руска нафта и нафтени продукти дневно, околу 400 милиони долари гас и околу 25 милиони долари јаглен, покажуваат податоците на Bruege.