Тиквеш прослави 130 години постоење

27

tikves

Годинешниот фестивал на младо вино беше одлична прилика да се прослави еден исклучително значаен јубилеј – 130 години од почетокот на традицијата на организирано производство на вино во Македонија, која е нераскинливо поврзана со Тиквеш. Големиот број соработници и пријатели на винарската визба Тиквеш имаа можност да наздрават за сите досегашни и идни успеси на винарницата и воедно за првпат да го пробаат младото вино од последната берба, како предвесник за новата винска година.

„И во годината во која прославуваме 130 години страст за создавање совршени вина, можеме да бидеме задоволни и полни со оптимизам за уште поголеми успеси. Одново успеавме да произведеме одлични вина, благодарение на поволните климатски услови, но и на нашите континуирани активности и вложувања, како во делот на лозјата, така и во делот на производството на вино, каде, во изминатава деценија, инвестирани се над 30 милиони евра“, изјави Игор Илиевски, генерален директор на винарската визба Тиквеш.

Годинава Тиквеш откупи над 25 милиони килограми квалитетно грозје, што е своевиден рекорд во изминатите 10 години. Од овие количества, дури 3,5 милиони килограми е грозје од кое се произведуваат вина од премиум класа, што е од особено значење за Тиквеш, кој во согласност со својата долгорочна стратегија за фаворизирање на квалитетот, изминатиот период ги насочи своите инвестиции во опрема и технологија за микровинификација која му овозможи значително зголемување на капацитетите за производство на премиум вина со врвен квалитет.

„Сето ова ги подгрева нашите очекувања дека доаѓа период на уште подобри резултати на Тиквеш, а оттаму и на целата македонска винска индустрија, особено во делот на извозот, каде годинава очекуваме зголемување кое се надеваме ќе продолжи и во следниот период“, информира Илиевски, објаснувајќи дека винарницата, поради високиот квалитет и препознатливост на своите вина, очекува зголемување на пласманот на пазарите во САД, Велика Британија и Кина, но и освојување на нови пазари.

Ваквиот оптимизам е оправдан ако се земе предвид одличниот квалитет, ароматика и пивкост на вината од годинешната берба, во што можеа да се уверат љубителите на виното од земјава и регионот кои присуствуваа на првото отворање на бочвите со вино од годинешната берба. Првичните импресии за младите вина на Тиквеш се дека тие имаат голем потенцијал да освојат многу нови медали, признанија и највисоки оценки на реномирани светски вински натпревари и дека во најмала рака ќе го повторат успехот од минатите години.

Фестивалот на младо вино, кој шеста година по ред го организира Тиквеш, е прв и единствен од ваков вид во земјава и придонесува за развој на винската култура, како и создавање на сопствена традиција на проценка на квалитетот на виното од последната берба, како што е случајот во многу други земји производители на вино. Фестивалот во винарската визба Тиквеш се одржува паралелно со фестивалите на младо вино низ цела Европа кои традиционално се организираат во третата недела од ноември.