Тинејџер од Куманово со најдобар постер во светот по повод Светскиот ден на храната

154

Светскиот ден на храната во 2020 година беше глобален повик да им се заблагодариме на хероите на храната – земјоделците и работниците низ целиот синџир на снабдување со храна кои, без оглед на околностите, обезбедуваат храна за нашите заедници и пошироко.

Ова го инспирираше 14-годишниот Павел Милановски од Куманово да ги преточи својот уметнички талент и имагинација во победнички постер кој им оддава чест на земјоделците како херои на храната #FoodHeroes.

Павел ја освои првата награда во категоријата од 13 до 15 години на глобалниот натпревар на ФАО за постер по повод Светскиот ден на храната во 2020 година, во силна конкуренција на деца и млади ширум светот. Како млад уметник, Павел има освоено многу други национални и меѓународни уметнички натпревари на теми поврзани со руралниот живот, одржливото живеење и грижата за животната средина.

На прашањето што го инспирираше да го креира победничкиот постер, Павел изјави дека имал голема желба да даде поддршка на ФАО во подигнување најавната свест околу Светскиот ден на храната и важната улога на хероите на храната, како и за важноста на креирањето поодржливи системи за храна и едноставните активности што секој од нас може да ги преземе за да растеме, да се исхраниме и да се одржиме заедно.

Кога Павел бил мал, неговите родители често го носеле во блиско село за набавка на свежи производи произведени од локален земјоделец. Тој бил поучуван дека со избирање на локално произведена храна, можеме да им помогнеме на малите земјоделци кои ја произведуваат нашата храна, на нивната локална економија, но и на животната средина.

“Да се почитува храната значи да се почитуваат производителите на храна и природните ресурси во нашата животна средина“, вели Павел. Во неговиот постер, тој објаснува: „земјоделецот е суперхерој, а не некој што едвај заработува за живот“. Затоа, според Павел, “не смееме да ја земаме храната и луѓето што ја произведуваат здраво за готово. Тие треба да бидат поддржувани да одгледуваат разновидна храна за да ги нахранат луѓето и да ја одржуваат нашата планета“.

Павел и стотици други млади натпреварувачи ширум светот се шампиони на целта на ФАО да се поттикне почит кон храната, кон луѓето што ја произведуваат, кон ресурсите кои притоа се искористуваат и, што е најважно, кон сите оние на кои храната им недостасува. Пренесувањето на ова знаење на новите генерации е од витално значење за иднината на нашата храна и Светот без глад.