
Американскиот прехранбен гигант „Монделез Интернешнл“, сопственик на „Тоблероне“, покрена судска постапка против мал британски производител на веганско чоколадо, тврдејќи дека го копирал препознатливиот облик на познатото швајцарско чоколадо.
„Монделез“ поднесе тужба во Високиот суд во Лондон против „Кетеринс Оригиналс“ за наводно кршење на трговска марка и лажно претставување на производот. Во центарот на спорот е чоколадото „О’бар“, чии сегменти се обликувани во заоблени испакнатини кои, според американската компанија, премногу личат на „Тоблероне“.
Британската компанија продава чоколадни плочки од 200 грама за цена помеѓу 9,20 и 10,55 фунти, во зависност од вкусот. За споредба, стандардно млечно чоколадо Тоблероне чини околу 2,50 фунти.
„Кетеринс Оригиналс“ е основана во 2021 година од тогашната тинејџерка Кетрин Дод. Чоколадите се произведуваат во Сасекс, Англија, и се продаваат преку интернет, на саеми и преку модел на претплата, пишува „Гардијан“.
Малата компанија ги негира обвинувањата
Дод тврди дека обликот на плочката ја претставува буквата О од името „Оригиналс“ и ги отфрла обвинувањата за копирање.
„Цврсто стоиме зад производот и идентитетот што го создадовме“, рече таа.
„Искрено, доста е страшно кога сте мала компанија во која сте вложиле толку многу труд. Но, тоа што сме мали не значи дека се плашиме да се залагаме за она што сме го создале“, додаде таа.
Нејзиниот правен советник Стивен Лоури од адвокатската канцеларија „Брендсмитс“ истакнува дека О’бар има свој препознатлив дизајн и идентитет и најавува одбрана пред судот.
„Монделез“, чие портфолио ги вклучува и брендовите „Кадбери“ и „Кот д’Ор“, нагласува дека обликот на „Тоблероне“ е еден од најпрепознатливите дизајни на чоколадни производи во светот.
„Препознатливиот облик на „Тоблероне“ е заштитен знак на брендот од 1929 година. Имаме одговорност да ги заштитиме нашите трговски марки и интелектуална сопственост“, соопшти компанијата.
„Монделез“ тврди дека со месеци се обидувале да постигнат договор со британската компанија, но без успех.
Ова не е прв спор околу обликот на „Тоблероне“.
Американската компанија веќе водеше слична правна битка. Во 2017 година, британскиот дисконтен синџир „Паундленд“ мораше да го одложи лансирањето на чоколадото „Твин Пикс“ по предупредување од „Монделез“.
„Твин Пикс“ имаше двојни гребени наместо препознатливите врвови на „Тоблероне“, но „Монделез“ сметаше дека производите се премногу слични.
Спорот на крајот беше решен со договор. Паундленд го промени обликот на чоколадото и бојата на пакувањето, по што производот се врати на полиците во продавниците, каде што се продава и денес.











