Тодориќ се товари дека од Агрокор земал 122,5 милиони евра

73

Во судот во Загреб пристигна второто обвинение за аферата Агрокор, скоро три години по почнување од истрагата, пишува Јутарњи лист.

Како што неофицијално се дознава, обвинението има 459 страници, а покрај Ивица Тодориќ, опфатени се и неговите синови и уште 10 менаџери во Агрокор и ревизори од куќата Tilly.

Тодориќ и останатите се обвинети поради злоупотреба на довербата во економското работење, помагање во злоупотреба на довербата, фалсификување официјални или деловни документи.

Во обвинението Тодориќ се товари дека стекнал противправна имотна корист од 122,5 милиони евра. Сопственикот на Агрокор, исто така, е на суд и поради обвинение дека ја оштетил компанијата за 1,25 милиони евра, заедно со уште три лица.

Тодориќ во ноември 2017 година беше уапсен во Лондон, а потоа пуштен на слобода со кауција од 100.000 фунти.

Агрокор својата историја почна да ја гради во 1976 година како компанија за производство на цвеќе и цветни садници, а 40 години потоа се шири низ разновидни дејности. Во портфолиото на Агрокор се наоѓаа повеќе од 60 компании. Најголем дел од работењето сочинува трговијата на мало (80%).

Втората група се однесува на храна и земјоделие, којашто опфаќа околу 17% од работењето. Областа на храната опфаќа производство на масло, маргарин, сладолед, замрзната храна, вода, пијалаци, месо и земјоделие. Во овој сегмент работат компаниите Агролагуна, Јамница, Ледо, ПИК Врбовац, Звијезда и други.

Агрокор почна да се шири и надвор од својата основна дејност (малопродажба и производство на храна) и влезе во здравството, купувајќи ја во 2012 година приватната поликлиника Авива, а истата година влегува и во туризмот, стекнувајќи удел во туристичката агенција Гуливер Травел.

Групацијата Агрокор влезе и во областа на информатичката технологија, па така во 2010 година основана е компанијата mStart којашто ја разви платформата за онлајн трговија Abrakadabra. Хрватскиот гигант влезе и во градежниот бизнис, купувајќи ја компанијата Пројектградња од Славонски Брод.

Фото: Facebook