Фото: Pixabay
Toyota ќе се приклучи на останатите автомобилски компании коишто преминуваат кон целосно електрично производство, пишува Telegraph. Планот на јапонскиот производител е сите Toyota и Lexus модели да имаат електрична опција до 2025 година. Toyota склучи партнерство со Panasonic за да развие електрични батерии што според производителот е клучен чекор во остварување на плановите.
Од компанијата, што лани продаде над 10 милиони автомобили, велат дека до 2030 година се очекува да бидат продадени 5,5 милиони електрични возила, коишто имаат батерија, хибридни системи или горивни ќелии. Од нив еден милион ќе бидат возила со нула емисија на штетни гасови.
Новите електрични возила прво ќе се најдат на кинескиот пазар, а потоа ќе следуваат: Јапонија, Индија, САД и Европа.
Компанијата ќе инвестира 13,3 милијарди долари за постигнување на своите “зелени“ цели, односно за намалување на штетните јаглеродни емисии. Половина од сумата ќе биде потрошена за развивање на електрични батерии.