
Доналд Трамп, претседателот на САД, објави дека ја разрешил Лиза Кук, гувернерка на Федералните резерви (ФЕД), од таа позиција, обвинувајќи ја за измама со хипотеки.
Во писмо до Кук, Трамп тврди дека постојат “доволно докази” дека Кук давала неточни тврдења во договорите за хипотеки, а Федералната агенција за финансирање на домувањето поднесе барање до Министерството за правда за разрешување на гувернерот.
“Во најмала рака, спорното однесување покажува еден вид на негрижа во финансиските трансакции што ја доведува во прашање вашата компетентност и сигурност како финансиски регулатор”, се наведува во писмото.
Трамп додаде дека разрешувањето на Кук, првата афроамериканка на оваа позиција, било неопходно за да се имплементира законот, пренесува Еј-Би-Си.
Кук одговори дека Трамп “нема овластување” да ја отпушти и дека таа ќе продолжи да ги извршува своите должности, а нејзиниот адвокат, исто така, посочи дека се во тек правни активности, велејќи дека ќе ги преземат “сите потребни чекори” за да го блокираат “обидот за нелегално дејствување” на Трамп.
Минатата седмица, Трамп ја повика Кук да даде отказ, истиот ден кога Бил Пулт, директорот на Федералната агенција за финансирање на домувањето, објави дел од писмото од 15 август до американската обвинителка Пам Бонди, обвинувајќи ја Кук за фалсификување на банкарски документи и евиденција за недвижности за да добие поповолни услови за кредит, “потенцијално иницирајќи хипотекарна измама”, се вели во писмото.
Во минатонеделната изјава дадена на Еј-Би-Си Њуз, Кук рече дека дознала од медиумите за писмото на Пулт, во кое се бара кривична постапка за хипотекарни барања што датираат од пред нејзиното ангажирање во Федералните резерви.
Кук за член на Одборот на ФЕД беше предложена во 2022 година од поранешниот американски претседател Џо Бајден, а нејзиниот мандат трае до јануари 2038 година.











