
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека неговата администрација ќе воведе царинска стапка од околу 100 проценти за увоз на полупроводници и чипови, но нагласи дека новата мерка нема да се однесува на компаниите што произведуваат во Соединетите Американски Држави или се обврзале да го сторат тоа наскоро.
Оваа мерка, како што објави денес Ројтерс, е поширока стратегија на администрацијата за враќање на производството во Америка, а објавата следеше паралелно со објавата на Apple за дополнителни инвестиции во износ од 100 милијарди долари на американскиот пазар.
„За компании како Apple, кои се обврзаа да градат тука, нема да има дополнителен данок“, објасни Трамп.
Американскиот претседател нагласи дека нема да толерира обиди за избегнување на обврските.
„Ако кажете дека ќе градите, но не градите, тогаш ние собираме сè ретроактивно и наплаќаме подоцна. Ќе мора да платите, тоа е сигурно“, рече Трамп.












