Претседателот на САД, Доналд Трамп во телевизиското обраќање до нацијата соопшти дека Соединетите држави ќе ги суспендираат патувања од Европа на 30 дена во обид да се спречи ширењето на пандемијата со коронавирусот во светот. Забраната за патувања ќе почне на 13 март, а рестрикцијата нема да се однесува на американски граѓани и на Велика Британија.
Мерката се однесува на луѓето, а не и на производите што се извезуваат од Европа во САД. 26. држави опфатени со забраната на Трамп се земјите кои се дел од Шенген-зоната: Австрија, Белгија, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Италија, Летонија, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска и Швајцарија.
Од државите од непосредното соседство на Македонија, мерката се однесува само на Грција. Бугарија, Романија и Хрватска, иако се дел од Европската Унија, не се дел од Шенген-зоната.
Претстави низа мерки за справување со економските последици од вирусот, како намален данок на доход за американските даночни обврзници.
Тој оцени дека во Европа имало многу случаи на Covid – 19, бидејќи владите не презеле мерки какви што презема Вашингтон. Одвоено, Стејт департментот им препорача на Американците да не патуваат во странство. Во САД досега има околу 1.200 заразени со вирусот, додека 37 починале.
Фото: Pixabay