Трема

84

reflektori-pexels

Фото: Pexels

Пред некој ден бев на концерт, во изведба на една млада група музичари. Неколку од нив изведоа повеќе кратки дела. Интересно беше да се забележи нивната трема, особено на почетокот. Згрчени во целото тело, во прстите, едвај свиреа. Но, како ги исполнуваа делата, подоцна во репертоарот, нивната енергија се смири, тие се фокусираа повеќе и многу подобро и со леснотија ги изведуваа песните.

Што им се случи?! Едноставно кажано, на почетокот имаа повеќе трема, а подоцна тремата им се намали. Ако ја разгледаме оваа констатација од логична перспектива, може да заклучиме дека тие од аспект на знаење (музички вештини) биле истите од самиот почеток до крај. А сепак изведбата не беше иста од почеток до крај. Она што влијаело врз нивната изведба биле мислите и емоциите. Во тие моменти, негативните мисли целосно го обземаат нашето внимание и стравот нè отфрла од фокус (колосек).

Интересен беше мојот професор по математика. Нè прашуваше пред испит, имате ли трема?! Велеше, ако имате тоа е добро, значи сте учеле. Ако не сте учеле, зошто да имате трема, ќе се плашите да не ве прашаат нешто што не знаете?! Во продолжение уште неколку совети што може да ги употребувате во ситуации кога чувствувате силна трема:

  1. Нормално е / на сите им се случува. Дури и на најдобрите актери, музичари, изведувачи. Научно е докажано дека само со менување на перспективата на гледање на ситуацијата, може да се влијае на „трема” ситуацијата. Само доколку му кажеме на мозокот дека тоа е нормално чувство, дека тремата е чувство дека сме работеле и сме се подготвувале, едноставно ја прифаќаме состојбата.
  2. Заменете ги мислите. Од негативни и во релација со состојбата, мислете на нешто целосно различно, а убаво. Како после настанот ќе си одите негде на пијалак или прошетка во парк, или возење велосипед, ручек итн.
  3. Дишење: една од најдобрите техники за смирување е дишењето. Секогаш длабокото дишење од стомак е техника што се покажала многу успешна за многу луѓе и сутуации.
  4. Избегнувајте кофеин. Дополнителен „адреналински шок” на вашето тело не му е потребен во моментите кога сте нервозни или напнати.
  5. Пред некој важен настан, ако можете вежбајте. Испотете се и потрошете ја вишокот енергија што во суштина ни прави проблем.
  6. Уживајте: опуштете се и предадете се на ситуацијата. Дајте го најдоброто од вас и уживајте во моментот.

Но, во секој случај едни од најдобрите техники кои влијаат на намалување на тремата е инвестирањето во знаење и во тренинг (практика и искуство). Со јакнење на вашите вештини (знаење), вие добивате повисока самодоверба, а со тоа поголема сигурност, полесна изведба на што и да правите.

Со успех во промените.

Ако имате прашање за Петар Лазаров, можете да го поставите на Бизнис советник.