Тренчевска: Новите форми на договори за вработување се неизбежност во сите современи економии, вклучително и кај нас

58

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска со воведно обраќање ја отвори конференцијата „Нови форми на вработување на променливиот пазар на трудот”, во организација на Меѓународната организација на трудот, Здружението за трудово и социјално право и Фондацијата Импакт.

Министерката   истакна дека во услови на висок технолошки развој неизбежна е појавата на променливост  на  пазарот на труд, што води кон воспоставување на нови форми на вработување, а со тоа се  наметнува и потребата од нивно уредување. И затоа, темата на која се дискутира е од особено значење, затоа што како креатори на политики од  областа на трудот, мислењето и вклученоста на сите релевантни фактори во државата, но и поддршката и соработката со меѓународните актери се почитува.

„Договорот за вработување е одлична основа за воспоставување на професионален и коректен однос меѓу работникот и работодавачот, при што и двете страни имаат права и обврски кои произлегуваат од работниот однос. Работникот, има право да биде информиран за своите законски права, а во случај на спор, ако има основа да биде и обештетен. Договорот за вработување е исто толку суштински важен  и за работодавачот, кој,  покрај  обезбедувањето на соодветна работна сила, која ги знае своите права и обврски и со која има јасно дефиниран  однос, обезбедува и заштита на неговите  права и  интересите на бизнисот,” рече Тренчевска.

Министерката посочи дека уредувањето на договорите за вработување е само еден од елементите и  измените во  новиот Закон за работните односи, на кој подолго време се работи.

„Верувам дека наскоро ќе биде готова и финалната верзија на новиот Закон за работни односи, по што ќе биде поставен на енер, согласно законската регулатива во нашата држава. Ќе бидат оддржани и јавни расправи ширум државата , за да можат што поголем број на организации, институции, граѓани,  со коментари се вклучат во неговото финализирање а со тоа да го подобриме работното законодавство во државата,” истакна Тренчевска.

Таа изрази уверување дека споделените знаења и искуства и дискусии на конференцијата ќе дадат дополнителен придонес во натамошното конципирање на договорите за вработување, на новите форми  на договори, кои стануваат неизбежност во сите современите економии, вклучително и кај нас.