Трета Ротари конференција за професионална ориентација

24

rotari

Со цел да им помогне на средношколците во одлуките за нивното натамошно образование, на 18 април, сабота со почеток од 11:00 до 15:00 часот, во просториите на Meѓународното училиште НОВА по трет пат ќе се одржи конференцијата за професионална ориентација, оваа година под наслов Да го одберам тоа што се бара или тоа што го сакам.

Настанот е во организација на Ротари клуб Скопје – Камен Мост, кој и понатаму продолжува со активностите за поддршка на младите талентирани луѓе, помагајќи им да ги остварат своите потенцијали. За време на конференцијата на учесниците ќе им се обратат истакнати говорници, со успешни кариери во областа на науката и бизнисот, а традиционално се предвидени и работни сесии и дискусии на повеќе теми како: архитектура и градежништво, бизнис и финансии, здравство и медицина, инженерство, медиуми и маркетинг, право, образование, истражување и наука.

„Изборот на факултет е одлука која е значајна не само за професионалната иднина на еден млад човек, туку и пошироко за неговиот идентитет, имајќи во предвид во колкава мера професијата е дел од нашето секојдневие и дејствување во околината. Токму затоа ја организираме оваа конференција, на која младите луѓе ќе имаат можност да слушнат интересни искуства и размислувања од еминентни гости говорници и професионалци, а со цел да им помогнат во процесот на донесување одлука“, изјави Ѓорѓи Петрушев, претседател на Ротари клуб Скопје Камен Мост.

Изминативе две години повеќе од 300 средношколци од дваесетина училишта го посетија настанот и истиот преку прашалник го оценија како успешен и извонредно корисен. Местата за настанот ќе се пополнуваат според редоследот по кој ќе пристигнуваат пријавите на info@nova.edu.mk. Програмата на конференцијата е достапна на сајтот на Meѓународното училиште НОВА www.nova.edu.mk.