
Трговијата на ЕУ со Русија во јуни падна под два отсто, објави денеска Евростат.
Трговијата на ЕУ со Русија е значително под влијание на увозните и извозните ограничувања, кои ЕУ ги воведе по почетокот на руската инвазија на Украина, се наведува на веб-страницата на организацијата.
Уделот на Русија во увозот од ЕУ падна од 9,6 отсто, колку што беше во февруари 2022 година, на 1,7 отсто во јуни оваа година, додека уделот на Русија во извозот од ЕУ во истиот период падна од 3,8 отсто на 1,4 отсто.
Во март 2022 година, еден месец по почетокот на конфликтот во Украина, ЕУ имаше значителен трговски дефицит со Русија од 18,5 милијарди евра поради високите цени на енергијата.
Овој дефицит беше намален на 0,4 милијарди евра до јуни 2023 година.
На оваа промена во голема мера влијаеше падот на месечната вредност на увозот на ЕУ од Русија, од 21,9 милијарди евра во март 2022 година на 3,3 милијарди евра во јуни 2023 година.
Вредноста на извозот на ЕУ во Русија беше истовремено намалена од 3,4 милијарди евра во март 2022 година на 2,9 милијарди евра во јуни оваа година.