Трговскиот дефицит надмина милијарда долари за пет месеци

14

moneyВо надворешно-трговската размена Македонија во периодот јануари-мај бележи трговски дефицит од 1,01 милијарди долари, што е намалување за 50 милиони долари во однос на истиот период лани, објави Државниот завод за статистика.

Според податоците вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија во првите пет месеци од годината изнесува 1,64 милијарди долари, што е за околу 50 милиони долари повеќе во однос на лани, додека увозот е речиси непроменет и изнесува 2,66 милијарди долари.

Покриеноста на увозот со извоз изнесува 61,7%, што претставува подобрување во однос на периодот јануари-мај 2012 година, кога покриеноста била 59,8%.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најмногу се присутни катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, производите од железо и челик (валани производи), облеката и преработките од нафта.

Во увозот пак, најмногу се застапени нафтените масла и масла добиени од битуменозни минерали (освен сурови), платината и легурите на платина, необработени или во прав, руди на никел и нивните концентрати и електричната енергија.

Според вкупниот обем на надворешно- трговската размена, Македонија најмногу тргува со Германија, Грција, Велика Британија, Србија и Италија.