Три кинески компании заинтересирани за инвестирање во Македонија

21

99d1e2b5-7288-4434-abb1-8296be7bcb03Во рамки на првиот ден од посетата на Пекинг, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов се сретна со раководствата на три кинески компании, заинтересирани за економска соработка со Македонија.

Станува збор за фирмите China State Constraction Engineering, најголема градежна компанија во Кина, петта по големина во државата, а десетта во светот, Sinohydro Corporation LTD, која ќе ги гради автопатите Скопје-Штип и Кичево-Охрид и нафтената компанија Sesai Jiliajija Petro Chemical Equipment.

Специјален тим на државната градежна компанија, која е вклучена во проектот за вложување 10 милијарди долари за патишта во земјите од Централно европската иницијатива, веќе е во државава и ги разгледува можностите за инфраструктурни проекти.

Претседателот на компанијата Sinohydro го информирал Иванов дека сите подготовки за потпишување на договорите со Република Македонија за изградба на автопатите Скопје-Штип и Кичево-Охрид од нивна страна се завршени и се чека одобрувањето од македонскиот Парламент по што започнува реализацијата на проектот.

Претставниците на Sesai Jiliajija Petro Chemical Equipment се заинтересирани за инвестирање во слободните економски зони во Македонија за производство на пумпи за бензински и за електронски автоделови.

За време на средбите со раководствата на кинеските компании претседателот Иванов беше придружуван од министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Џери Наумоф.

Фред Чанг, кој има своја консултантска фирма и соработува со Европа, исто така планира да инвестира во Македонија.

“Доколку кој било инвестира во Македонија ќе биде во можност да се фокусира и кон целиот европски пазар. Затоа, Македонија не е мала, што претставува добра база за натамошен продор”, истакна Чанг.

Тој смета дека Кина би била добар пазар за македонското вино, но и за органски произведените земјоделски производи, и дека во Македонија може да се произведува млеко во прав, што би бил исплатлив бизнис за Кина. Чанг како интересни сектори за инвестирање во Македонија ги издвојува земјоделството и енергетиката и тоа производство на алтернативна енергија, преку соларни колектори и ветерници.