Три милиони евра, односно 184,5 милиони денари, пари од државниот Буџет, ќе се насочат кон спортските субјекти на кои им е издаден ваучер согласно Законот за спорт. Со оваа мерка се опфатени 666 спортски субјекти, 60 федерации и 173 спортисти кои досега добиле спортски ваучер, истакна на денешната прес-конференција директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски.
Тој додаде дека средствата на Буџетот на Северна Македонија се дел од програмите за справување со последиците од КОВИД -19 кризата.
“Веќе една година сме соочени со тешкотии и проблеми во функционирањето поради коронавирусот и финансиската поддршка на спортските чинители од државата е еднократна употреба. Со оваа владина одлука усвоена на 65-та седница на наменските сметки на спортските субјекти на кои им е издаден ваучер за 2021 година ќе бидат уплатени најмногу 33% од вредноста на издадениот ваучер како еднократна финансиска помош, утврдена на официјалната листа на спортски субјекти кои се објавени на веб-страната на АМС“, наведе Мојсовски.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт посочи дека процедурата е едноставна и брза.
“УЈП до АМС ќе достави лита на спортски субјекти кои се корисници на спортски ваучер и кои имаат поднесено и одобрено барање за даночно ослободување и донирање финансиски средства на спортските субјекти. Веднаш потоа АМС ќе изврши евалуација на листата и до УЈП ќе достави листа на спортски субјекти и износ на користење на остатокот на буџетот кој им е издаден за 2021 година по што конечната листа ќе биде доставена до генералниот секретар на Влада и ќе следува исплата“, објасни Мојсовски.
Тој потенцираше дека Владата и АМС континуирано вложуваат во спортот со што се создаваат услови за непречено спроведување на активностите на спортските федерации, клубовите, индивидуалните спортисти.
“Тука сме со поддршка и сега и во време на пандемија да направиме се за да се овозможи развој, поголем простор и повеќе средства за нови спортски спортисти и рекреативци. Ветивме дека спортот ќе го добие своето заслужено место и поддршка и тоа го остваруваме. И во време на здравствена и економска криза силно сме посветени на изнаоѓање решение со кое што спортот и сите спортски работници во континуитет ќе бидат поддржани со цел да можат да функционираат непречено“, потенцираше директорот на Агенцијата за млади и спорт.