Три од 12 проверени објекти со лиценца ќе бидат затворени поради неисполнети технички услови

Три дискотеки се затворени бидејќи не ги исполнуваат потребните технички услови за да им биде издадена лиценца и да можат да работат, информира Портпаролката на Владата Марија Митева денеска на прес-конференција.

“Последните инспекции потврдија сериозни регулаторни прекршувања. Доказите се јасни: од вчера направената контрола на 12 објекти со активна, важечка лиценца, до овој момент е утврдено дека три од нив не исполнуваат услови, односно минимум технички услови, а сепак имаат активна лиценца за вршење на дејност. За останатите 9 ве информирам дека сѐ уште е во тек проверката на документацијата и во текот на денот ќе излеземе со дополнителни информации“, информира Митева.

 

Таа истакна дека до Министерството за економија ќе биде испратено барање за одземање на лиценцата, забрана за вршење на дејност и сите казнени одредби коишто се возможни согласно закон ќе бидат преземени.

Додаде дека на терен во секој момент овие денови се над 10 тима кои вршат контрола и во текот на денешниот и ќе продолжат и во текот на утрешниот ден. Ќе се проверат сите, до детал. Направен е и план и за проверка на оние кои немаат важечка лиценца, а работеле во минатото.

Фото: Pixabay