Три златни медали и две специјални награди за вината на Tikveš Châteaux&Domainеs на Мундус Вини во Германија

36

На најголемиот и најпрестижен германски вински натпревар Мундус Вини, вината на Tikveš Châteaux&Domainеs беа наградени со три златни медали, при што едно од нив освои и голем златен медал (Grand Gold).

На ова пролетно издание на Мундус Вини наградени беа црвеното Terrasse à L’Ombre од бербата 2018-та, кое освои голем златен медал (Grand Gold), признание кое се доделува само на најквалитетните вина, оценети со исклучително висок број на бодови. Истото вино беше прогласено и за најдобро вино од долината на реката Рона, познатиот француски вински регион. Златни медали освоија и црвеното Domaine Barovo од бербата 2018-та, кое воедно беше прогласено и за најдобро вино од Македонија, како и белото Domaine Barovo од бербата 2020-та, а Domaine Lepovo Chardonnay од бербата 2019-та, освои сребрен медал.

Ова исклучително достигнување е постигнато во конкуренција со 7.300 вина од вкупно 39 држави.

Мундус Вини е еден од најпрестижните светски вински натпревари кој се одржува два пати годишно, во пролетна и есенска сесија. Вината се оценуваат од меѓународно жири составено од врвни енолози, винари, стручни новинари и сомелиери. Оценувањето на вината се одвива „на слепо“, што значи дека жирито нема информации за карактеристиките или брендот на виното кое го дегустира.

Винарската визба Тиквеш е најнаградуваната винарница во поширокиот регион. Во текот на 2020-та година вината на Tikveš и Tikveš Châteaux&Domaines освоија 130 награди и признанија на реномирани меѓународни вински натпревари.