Триглав Осигурување АД, Скопје во 2015-та година ја задржа лидерската позиција на пазарот на неживотно осигурување

23

triglav

Триглав Осигурување АД, Скопје е лидер на пазар, којшто го сочинуваат 15 осигурителни компании. Компанијата во 2015-та година обезбеди бруто полисирана премија во износ од 21 милион евра (1.294.416 илјади денари), што е за 13% повеќе, споредено со претходната година. Со тоа компанијата достигна удел од 18% на пазарот на неживотно осигурување, со што постигна раст од еден процентен поен споредено со 2014-та година, стои во соопштението.

“Задржувањето на лидерската позиција е една од главните стратешки цели на Триглав Осигурување, покрај определбата за профитабилно и сигурно работење, која на нашите клиенти, вработени и акционери им обезбедува сигурна иднина. Целиме да бидеме креатори на растот на пазарот на неживотно осигурување. Тоа со себе носи и голема одговорност пред јавноста и нашите клиенти, и подразбира фокус на развој на нови производи и услуги како додадена вредност на постоечките, како и посветеност кон едукација на јавноста, со цел зголемување на свесноста за осигурување. Во таа насока, во 2015 година на пазарот воведовме производ за доброволно здравствено осигурување, поточно осигурување на специјалистичко амбулантно лекување, како одговор на потребите на пазарот, кој има извонреден потенцијал. Истото се однесува и за пазарот на животно осигурување, поради што донесовме одлука да преземеме значајна улога и во тој сегмент на осигурувањето“, изјавил главниот извршен директор на Триглав Осигурување АД Скопје, Ѓорѓе Војновиќ.

Групацијата Триглав ја заврши 2015-та година во согласност со стратешките насоки. Обезбеди 919,1 милион евра премија од осигурување и соосигурување, што е 4% повеќе од планираното и 3% повеќе од претходната година. Добивката на групацијата пред оданочување изнесува 102,5 милиони евра, што е 20% повеќе од планираното и 2% повеќе од резултатот во 2014-та година.

Доброто работење на групацијата во основната дејност на неживотно осигурување, како што се наведува, е изразено и преку подобрувањето на комбинираниот коефициент, којшто се намали на 92,8% и е подобар од планираното и од резултатот во 2014-та година за 3,5 процентни поени, а за 2 процентни поени е подобар од долгорочната просечна целна вредност (95%).

Триглав Осигурување АД, Скопје, член на Групацијата Триглав, достигна удел на пазарот на неживотно осигурување од 18%, со што постигна раст од еден процентен поен во споредба со 2014-та година и со тоа ја задржа лидерската позиција на пазарот на неживотно осигурување.

Во доменот на здравственото и пензиското осигурување, сегменти чијшто развој е од особена важност, Групацијата Триглав ја презеде Скупна покојнинска дружба, втората најголема словенечки компанија, којашто обезбедува доброволно пензиско осигурување. На минатогодишните добри деловни резултати позитивно влијаеше и порастот на премија на останатите пазари, отсуството на масовни штетни настани, но и не толку поволната ситуација на пазарите на капитал.