Трошоците на живот во јули повисоки за 0,2%

14

Трошоците на живот во јули, во однос на претходниот месеци, бележат зголемување од 0,2%, додека кај цените на мало порастот е 0,6%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Порастот на трошоците на животот од 0,2% во јули 2014 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на повисоките индекси на свежото овошје за 5,8%, лебот и белите печива за 1,3%, чоколадните производи за 0,7% и сувото овошје за 0,6%.

Исто така, пораст на трошоците на животот е забележан и кај тутунот за 5,5%, електричната енергија за домаќинствата за 3,6%, гасот за домаќинствата за 2,7%, цвеќињата и услугите за сместување за 2,4%, течните горива и мазива за 2%, течните горива за домаќинствата за 1%, лековите за 0,9%, велосипедите и пијалаците во рестораните и хотелите за 0,3%.

Намалување на трошоците на животот во јули 2014 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежиот зеленчук за 8,3%, меленото жито за 4,1%, конзервираната риба за 1,1%, безалкохолните пијалаци за 0,9%, киселото млеко за 0,8%, тестенините за 0,7%, конзервираните месни производи за 0,6%, свежото млеко и конзервираниот зеленчук за 0,4%, трајните колбасичарски производи, рибата, преработките од млеко и други прехранбени производи за 0,3%.

Во јули, исто така, намалување на трошоците на животот е забележано и кај средствата за чистење и одржување на станот за 0,6% и обувките за 0,4%.

Трошоците на животот во јули 2014 година, во споредба со јули 2013 година, бележи пораст од 0,3%, а цените на мало се непроменети, т.е. е на исто ниво.