Царинската управа и универзитетот Гоце Делчев потпишаа Меморандум за соработка

21

Директорот на Царинската управа, г-дин Ѓоко Танасоски одржа предавање пред студентите на економскиот факултет при Универзитетот Гоце Делчев –  Штип и ги запозна со надлежностите на Царинската управа.

Директорот во своето излагање пред студентите презентираше различни теми од царинското работење, како што се улогите и функциите на Царинската управа, царински постапки, управување со човечки ресурси и слично. На овој начин студентите имаат можност да се запознаат како теоријата којашто ја изучуваат се применува во процесите на една организација како Царинската управа

Посетата на директорот на Царинската управа се реализираше на покана на Универзитетот Гоце Делчев – Штип. Со цел развој и соработка во делот на образованието и претприемништво, а во согласност со заедничките интереси и меѓусебната соработка на двете институции, директорот на Царинската управа  г-дин Ѓоко Танасоски и ректорот на Универзитетот Гоце Делчев – Штип г-дин Блажо Боев потпишаа  Меморандум за соработка.

Инкорпорирањето на стручното и научно мислење при дефинирање и спроведување на политиките на Царинската управа, претставува битен сегмент од соработката со високообразовните институции. На овој начин се обезбедува успешно спроведување на економските политики и олеснување на трговијата. Исто така, потпишувањето на овој Меморандум ќе овозможи научните истражувања за влијанието на измените во царинските и акцизни постапки на економијата на национално и регионално ниво да бидат еден од алатките за донесување на стратешки одлуки и натамошна модернизација на Царинската управа.