Цементарница Усје одбележа 60 години постоење

113

FOTO_Usje_Menadzerski tim

Со врвен квалитетен производ, најнова технологија, посветена работа и развој на проекти од интерес на животната средина и заедницата, Цементарница Усје АД Скопје одбележува 60 години од своето делување на македонскиот пазар, се вели во соопштението.

Шестдецениското работење на Усје е проследено со процес на континуирани инвестиции и модернизација, преку кој компанијата успева да одговори на потребите на македонската економија и општеството.

Само во последната деценија компанијата вложи 80 милиони евра во воведување нови технологии и модернизација, со што значително се подобри квалитетот на производите и се подигнаа стандардите за безбедност и здравје при работа. Од овие средства, скоро 36 милиони евра се инвестирани во проекти поврзани со заштита на животната средина, односно поголема компатибилност на работењето на компанијата со потребите на заедницата. За своите заложби за придонес кон животната средина, Усје годинава ја доби највисоката национална награда за општествена одговорност за проектот Намалување на емисиите во воздухот. Ова беше второ највисоко признание за Усје во истата област. За своите заложби Усје беше наградуван во изминатите години за проекти и од областа на унапредување на пазарот и од областа однос со вработените.

“Усје е нераскинлив дел од македонското општество, бидејќи нашиот цемент е вграден во секој јавен и приватен објект во Македонија. Заедно со нашиот развој, растеше и се развиваше и македонската економија. Наша цел е и во иднина да бидеме двигатели на просперитетот во нашето општество“, истакна Борис Хрисафов, главен извршен директор на Цементарница Усје АД Скопје.

Шестдецениското постоење Усје го одбележа со гала концерт Класика версус класика. На свеченоста беа доделени и специјални признанија за долгогодишна соработка и особен придонес во развојот на градежната индустрија на компаниите Бетон, Гранит, Карпош, Адора и Актор.

Специјално признание добија и општината Кисела Вода со која Усје има континуирана соработка на проекти од интерес на заедницата, а награда доби и Завод за испитување на материјалите – ЗИМ, кој игра значајна улога во процесот на создавање цемент со врвен квалитет по највисоките светски стандарди. Долгогодишниот директор на Усје, кој даде особен придонес во развојот на компанијата и обезбедувањето на стратешки партнер, Ристо Гушков, исто така доби специјално признание. За тридецениската соработка и пласман на производите на Усје на пазарот во Косово, специјално признание доби и Изахир Трони.

Во годината кога Усје прославува 60 години од своето работење, беше одржана и техничка конференција Влијанието на градежните материјали врз квалитетот на градбата, на која учествуваа врвни домашни и странски експерти. Истовремено, по повод 60-годишниот јубилеј, Усје потпиша договор за партнерство и поддршка со Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.

Проектот на студентите ќе им овозможи да работат на скулптури од бетон во духот на урбаната и современа уметност, кои откако ќе бидат готови ќе бидат јавно изложени. Со цел да се поттикне уметничкиот израз и да бидат отворени нови можности и простор за креативна работа на младите уметници, Усје обезбеди цемент, други потребни материјали, машини и алатки што се користат во работата на катедрата за вајарство при ФЛУ.