
Цените на нафтата пораснаа во вторникот во Азија, продолжувајќи ги добивките на претходната сесија, поддржани од очекувањата за силната побарувачка на САД за горивото во текот на летото и пред одлуката на ОПЕК + за производната политика на состанокот на 2 јуни.
Јулската фјучерс цена на референтната нафта Брент ја надмина вредноста од 83 долари за барел, додека цената на американската нафта WTI (West Texas Intermediate) порасна за повеќе од еден процент на околу 78,80 долари за барел, покажуваат податоците на специјализираниот портал OilPrice.
Цените на нафтата пораснаа во понеделникот во тивкото тргување поради државните празници во Велика Британија и САД, по мрачната недела обележана со очекувања за повисоки каматни стапки во САД поради постојаната инфлација. Очекувањата за силна побарувачка за гориво со почетокот на летната сезона на возење и туристи во САД обезбедија поддршка за цените, велат аналитичарите.
И покрај општото мислење дека високите каматни стапки би можеле да резултираат со помек раст на побарувачката на нафта, „податоците за мобилност во реално време сугерираат дека растот на побарувачката на нафта во голема мера останува здрав“, се вели во белешката на UBS банката до клиентите, пренесува Ројтерс.
Во однос на воздушниот сообраќај, бројот на продадени билети на американските домашни летови се зголемил за околу пет отсто месечно и речиси шест отсто на годишно ниво, на нешто повеќе од 90 милиони во мај, покажаа податоците од компанијата за анализа на летови OAG, надминувајќи Нивоата од 2019 година.
Вниманието е фокусирано и на претстојниот онлајн состанок на ОПЕК + во недела, за кој трговците и аналитичарите очекуваат да го задржи намалувањето на производството и дополнително да ги поддржи цените. „Очекуваме цените на нафтата да се зголемат во наредните денови поради очекуваните континуирани доброволни намалувања на производството и зголемените изгледи за олеснување на монетарната политика во САД“, велат аналитичарите на Ракутен Секјуритис.
Претходно, три извори од ОПЕК + изјавија дека е веројатно продолжување на доброволното намалување на производството од 2,2 милиони барели дневно во втората половина од годината. Дополнителна поддршка за цените беше дадена од позитивните очекувања за побарувачката од Кина, откако Пекинг го основа својот трет суверен инвестициски фонд за зајакнување на индустријата за полупроводници.











