Цената на гасот во Европа е највисока во последните три месеци

14

Цената на природниот гас во Европа достигна највисоко ниво за повеќе од три месеци. Причина за поскапувањето е конфликтот на Блискиот Исток, пренесува германската новинска агенција dpa.
Цената за мегават час (MWh) гас за испорака следниот месец вчера се зголеми на 33,95 евра во холандскиот центар ТТФ, што е највисока цена од почетокот на јануари.

Меѓу причините за поскапувањето е стравот на инвеститорите од нова војна на Блискиот исток и можното влијание врз снабдувањето со гас од регионот, јави ДПА. Пазарите на стоки го чекаат одговорот на Израел за нападот на Иран врз него во саботата, кој уследи по наводниот израелски напад врз иранскиот конзулат во Дамаск, Сирија.

Цената на гасот во последната недела се зголеми за повеќе од 20 отсто, откако падна во првите месеци од годината поради релативно благата зима и големите складишни капацитети. Во февруари достигна 22,31 евро за мегават час, што е најниско од минатото лето.

Магацините низ Европа биле полни 62 отсто, според ДПА. Според податоците на Европската асоцијација на оператори со гасна инфраструктура (GIE), тогашните магацини во последните пет години биле во просек полни 43 отсто.

Во меѓувреме, европскиот комесар за енергија Кадри Симсон минатиот петок објави дека складиштата за гас во ЕУ на крајот на март биле полни 58 отсто, што е рекордно ниво.