
Цената на јагленот на светските берзи денеска падна на најниско ниво во последните две години.
Според податоците на Њујоршката берза (NYMEX), цената на тон јаглен денеска напладне изнесувала 115,18 евра или 125,50 долари за тон јаглен.
На месечно ниво јагленот поевтини за 21,68 отсто, а на годишно ниво за дури 68,39 отсто.
Најголем увозник на јаглен во светот е Кина, а забавеното економско закрепнување по пандемијата во оваа земја е една од главните причини за послабата побарувачка на јаглен.
Американската агенција за кредитен рејтинг S&P (Standard and Poor’s) денеска ја промени прогнозата за економскиот раст во Кина, бидејќи верува дека кинеската економија ќе расте со побавно темпо од очекуваното – за 5,2 отсто на годишно ниво, објави Ројтерс.
Голдман Сакс и многу други реномирани финансиски институции претходно исто така ја намалија проценката за економскиот раст на Кина во 2023 година, пренесоа агенциите.











