На светските пазари цените на нафтата пораснаа и минатата недела, вторпат по ред, достигнувајќи ги највисоките нивоа оваа година бидејќи најголемите светски производители решија да го задржат намаленото производство. На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела порасна за 2,4 отсто, на 90,65 долари, што е највисоко ниво од ноември минатата година.
На американскиот пазар, пак, цената на барелот порасна за 2,9 отсто, на 87,50 долари, што е највисоко ниво од септември минатата година. Порастот на цените втора недела по ред е последица на одлуката на Саудиска Арабија и Русија да го намалат производството. Саудиска Арабија минатата недела објави дека ќе го намали производството за еден милион барели дневно до крајот на годината, што ги изненади трговците кои очекуваа дека ќе ја продолжи одлуката за намалување на понудата само до крајот на октомври.
Русија, пак, одлучи да го намали извозот за 300 илјади барели дневно до крајот на годината. Со намалување на производството, тие земји се обидуваат да одржат покачени цени на нафтата, имајќи предвид дека побарувачката слабее поради забавувањето на растот на најголемите светски економии.
Фото: Facebook