Цената на нафтата на светските берзи паѓа, водечките производители ја намалуваат понудата

107

Цените на нафтата на американскиот пазар во саботата наутро забележаа пад, па нафтата WTI, репер за американскиот пазар, изнесуваше 80,13 долари, а нафтата од типот Брент 82,63 долари за барел, објави Oil Price.

Истата ситуација беше и еден ден претходно, кога цената на нафтата падна на меѓународните пазари до 84 долари, бидејќи загриженоста за кинеската побарувачка ги надмина проценките за намалената понуда во летниот квартал.

На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше пониска за 83 центи во однос на претходното затворање на тргувањето и изнесуваше 84,28 долари. Во Њујорк барелот се тргуваше за 63 центи пониско, на 82,19 долари.

Трговците бараа оваа недела сигнали кои ќе им помогнат да ја проценат побарувачката во Кина, водечкиот светски увозник.

Бруто домашниот производ (БДП) на Кина порасна за 4,7 отсто во вториот квартал во споредба со истиот период минатата година, што укажува на забавување на активноста во однос на почетокот на годината, кога се зголеми за 5,3 отсто. Пазарот на недвижности повторно нагло се намали, а личната потрошувачка ослабе.

Послабото темпо на раст значи поскромна побарувачка за нафта, па вниманието на пазарот се сврте кон состанокот на кинеската комунистичка партија во потрага по најави за стимулации. Официјалните лица признаа дека долгата листа на економски цели содржи „голем број сложени противречности“, но не наведоа конкретни мерки за стимулирање на активноста во втората по големина економија во светот.

„Тоа ги намали цените на суровините во петокот, заедно со другите фактори“, напишаа аналитичарите на ANZ.

Бариера за цените беше падот на информациските системи ширум светот поради ажурирање на програмата на фирмата за сајбер безбедност CrowdStrike, која го „сруши“ оперативниот систем Виндоус.

Авиокомпаниите ги прекинаа летовите, банките не можеа да обезбедат платежни услуги, а тргувањето на некои финансиски пазари беше нарушено.

Врвните производители ја намалуваат понудата за да ги поддржат цените и веројатно нема да ја променат производната политика на претстојниот состанок, изјавија три извори за Ројтерс.

Затоа аналитичарите очекуваат послаба понуда до крајот на третиот квартал.

Одделно, ОПЕК објави дека барел нафтена кошница на нејзините членки во четвртокот поскапе за 87 центи на 85,43 долари.