Цената на нафтата над 82 долари

24

Цените на нафтата на американскиот пазар во саботата наутро пораснаа, па нафтата WTI, репер за американскиот пазар, изнесуваше 77,72 долари, а нафтата од типот Брент 82,12 долари за барел, објави Oil Price.

Цените на нафтата се задржаа над 81 долар на меѓународните пазари во петокот, бидејќи трговците ги одмеруваа знаците за зајакнување на побарувачката пред летната сезона на возење во Соединетите држави (САД) и претпазливоста на американската централна банка во разгледувањето на трошоците за задолжување.

На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше речиси непроменета во однос на затворањето на трговијата во четвртокот и изнесуваше 81,37 долари. Позначителни промени немаше ниту на американскиот пазар, каде барелот се тргуваше по 76,85 долари, пренесува Мина.

Трговците беа загрижени оваа недела од записникот од состанокот на Комитетот за монетарна политика на Федералните резерви (ФЕД) поради изјавите на некои официјални лица дека ќе бидат подготвени да ги зголемат трошоците за задолжување доколку инфлацијата повторно се зголеми. Сепак, претседателот на ФЕД Џером Пауел и други официјални претставници последователно објавија дека шансите за таков исход се многу мали.

Побарувачката за бензин го достигна највисокото ниво од ноември минатата недела, објави во средата Министерството за енергетика, поддржувајќи ги цените на нафтата бидејќи американските возачи сочинуваат околу една десетина од глобалната побарувачка на нафта, а претстојната сезона на возење е столб на нејзиното закрепнување, пишуваат аналитичарите на ANZ.