
Според податоците на веб-страницата OilPrice во саботата наутро, цената на нафтата од типот брент изнесува 80,61 долар за барел, додека нафтата од Тексас WTI, репер за американскиот пазар, изнесува 75,89 долари.
Веќе во петокот цените на нафтата се приближија до нивото од 79 долари бидејќи фокусот на трговците повторно се сврте кон заканата од ескалација на тензиите на Блискиот Исток и кон проценките дека водечките производители ќе пуштат помалку барели на пазарот и следната година.
На лондонскиот пазар цената на барелот беше повисока за 1,34 долари и изнесуваше 78,76 долари. На американскиот пазар барелот се тргуваше по повисока цена од 1,2 долари, од 74,1 долар, пренесува SEEbiz.
Пазарите беа потресени во четвртокот од големиот пораст на залихите во Соединетите држави (САД) минатата недела од 3,6 милиони барели, според владините податоци, што ја поттикна загриженоста за побарувачката во период на рекордно производство.
САД годинава ќе произведуваат 1,4 милиони барели дневно, со учество од независни производители од 66 отсто, се наведува во најновиот извештај на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).
Трговците се загрижени и поради зголемениот број барања за бенефиции за невработеност и забавувањето на американското индустриско производство.
Во исто време, пазарот проценува дека кинеските рафинерии ќе го олеснат темпото на продажба во последните месеци од годината поради послабата побарувачка за гориво и помалите маржи.
Во петокот, некои аналитичари се сомневаа дека распродажбата е претерана, особено со оглед на ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток што може да го наруши снабдувањето со нафта и пораката на САД дека ќе бидат построги за санкциите против Иран.
Трговците беа охрабрени и од забавувањето на инфлацијата во ЕУ и еврозоната во октомври, што може да ја зголеми побарувачката.