
Според податоците на веб-страницата OilPrice во саботата наутро, цената на нафтата од типот брент изнесува 93,27 долари за барел, додека нафтата од Тексас WTI, референтната за американскиот пазар, изнесува 90,03 долари и бележи благ раст.
Цената на суровата нафта од типот „брент“ благо падна од петокот, кога на меѓународните пазари се искачи над 94 долари, бидејќи трговците оценија дека руската привремена забрана за извоз на гориво може да ја зголеми побарувачката од рафинериите и дополнително да ги оптоварува тесните резерви.
Пазарите беа изненадени од најавата на Русија дека привремено го забранува извозот на бензин и дизел за да обезбеди снабдување на домашниот пазар во време на жетва и да ги стабилизира цените. Забраната не ги опфаќа Белорусија, Казахстан, Ерменија и Киргистан, а Москва не прецизираше колку долго ќе важи, пренесува Мина.
Во петокот, Транснефт ја прекина испораката на дизел преку терминалите Приморск и Новоросијск на Балтичкото и Црното море, објави новинската агенција Тас.
Забраната повторно ќе воведе несигурност во и онака тесната глобална понуда на деривати и би можела да ги принуди земјите увозници да бараат алтернативни добавувачи и да се натпреваруваат по цените на понудите, објаснува РБЦ во белешката.
Големопродажните цени на бензините паднаа во петокот на Меѓународната берза во Санкт Петербург за речиси десет отсто, а на дизелот за 7,5 отсто.
Руската забрана само ги намали стравувањата дека построгите услови за финансирање би можеле да ја забават економијата и побарувачката на нафта.