Цената на нафтата порасна трета недела по ред

101

На светските берзи цените на нафтата пораснаа минатата недела трета недела по ред, бидејќи трговците стравуваат од слаба понуда, иако побарувачката може да ослаби поради забавувањето на економскиот раст. Минатата недела цената на барелот на лондонскиот пазар порасна за 2,9 отсто, на 98,57 долари, додека на американскиот барел поскапе за 4,7 отсто, на 92,60 долари.

Утрово нафтата Брент се тргува по цена од 97,75 долари за барел, додека WTI се тргува по цена од 91,61 долари за барел.

Минатата недела пазарите се балансираа меѓу стравот од рецесија и послабата побарувачка, по растот на каматните стапки во САД и еврозоната, и стравот дека претстојното ембарго на ЕУ за руската нафта дополнително ќе ја намали и онака недоволната понуда.

Забраната за увоз на руска нафта во ЕУ треба да стапи на сила на 5 декември, а групата на најразвиените светски економии Г7 сè уште разговара за ограничување на цената на руската нафта.

Во исто време, комерцијалните залихи во САД паѓаат, а Вашингтон склучи програма за продажба на нафта од стратешките резерви. Дополнителна поддршка за цените даде и послабиот долар, кој дополнително може да ја стимулира побарувачката бидејќи ја зајакнува куповната моќ на купувачите во други валути.

Поддршка за цената на нафтата даде и веста дека Кина може да ги олабави ограничувањата поврзани со политиката на нулта толеранција кон Ковид, што би го поттикнало растот на нејзината економија, а со тоа и побарувачката на нафта.

Бројот на случаи на „Ковид-19“ во Кина се искачи на највисоко ниво од август, но поранешен функционер за контрола на болести рече дека Пекинг наскоро ќе направи значителни промени во својата политика кон вирусот.

Од друга страна, производството на членките на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) падна во октомври за прв пат од јуни, а картелот веќе испумпува 1,36 милиони барели дневно помалку од планираното.