Цената на нафтата повторно благо порасна минатата недела поради ураганот: „Брзо ќе се врати на истото ниво“

25

На светските берзи цените на нафтата благо пораснаа минатата недела, по остриот пад една недела претходно, бидејќи ураганот Франсин го наруши производството во американскиот Мексикански залив.
На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела порасна за 0,8 отсто, на 71,60 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 1,4 отсто, на 68,65 долари.

Благиот пораст на цените најмногу се должи на намаленото производство во САД поради ураганот Франсин во Мексиканскиот залив. Аналитичарите на UBS проценуваат дека производството во Мексиканскиот залив во септември ќе се намали за 50.000 барели дневно.

„Доколку прекините на производството се краткотрајни, а штетата на платформата се покаже како минимална, цените би можеле да се вратат на нивоата пред ураганот поради прогнозите за побарувачката“, напиша Јеап Џун Ронг во белешката до клиентите.
Во секој случај, цените на нафтата се стабилизираа по остриот пад една недела претходно.
Внимателноста на трговците е последица на загриженоста од забавувањето на растот на најголемите светски економии, поради што слабее побарувачката за „црното злато“.

Сите најнови податоци покажуваат дека растот на американската економија забавува, а кинеската економија исто така не расте толку брзо како што очекуваа аналитичарите на почетокот на годината.
Економијата на еврозоната исто така бавно расте.

Ова е причината зошто Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) минатата недела повторно ги намалија своите проценки за растот на побарувачката оваа година.

Цените се поддржани од намалувањето на каматните стапки на најголемите централни банки во светот, што треба да го поттикне растот на економиите, а со тоа и побарувачката на нафта.
Минатата недела Европската централна банка ги намали каматните стапки, а се очекува и американската ФЕД да го стори истото оваа недела.