Цената на нафтата повторно над 90 долари

24

Цените на нафтата паднаа под 90 долари на меѓународните пазари во понеделникот под притисок, бидејќи инвеститорите очекуваат пад на побарувачката и јакнење на доларот пред значителното зголемување на каматните стапки во САД. Сепак, во претпладневното тргување повторно се бележи раст на цените.

Според податоците на OilPrice.com, барел нафта од типот брент се продава по цена од 92,38 долари, додека вредноста на нафтата WTI моментално е на 85,88 долари.

На почетокот на неделата тргувањето беше ограничено поради погребот на кралицата Елизабета Втора во Велика Британија. Трговците се фокусирани на американската централна банка, која оваа недела треба да објави ново зголемување на каматните стапки, за кое се предвидува дека може да биде за цел процентен поен, пренесува SEEbiz.

Повисоките каматни стапки би значеле повисоки трошоци за задолжување и послаба економска активност и побарувачка на нафта, но и поттик за раст на доларот, што значи дека би ослабнала куповната моќ на купувачите со други валути.

Побарувачката веќе подолго време предизвикува загриженост на пазарите, особено откако Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) минатата недела процени дека може да има стагнација во четвртиот квартал.

Зголемувањето на цените ја забави и надежта дека може да се ублажи кризата поврзана со снабдувањето со гас во Европа. Германските клиенти резервираа капацитети за испорака на руски гас преку затворениот гасовод „Северен тек 1“, но податоците за нарачките потоа беа ревидирани, па гасот не пристигнува во оваа земја.