
Цените на нафтата на меѓународните пазари пораснаа на 81 долар, бидејќи трговците шпекулираа дека Саудиска Арабија ќе продолжи да ја намалува понудата на почетокот на следната година поради знаците за слабеење на побарувачката.
На лондонскиот пазар цената на барелот утрово изнесува 81,43 долари. На американскиот пазар барелот се тргува за 77,17 долари.
Во втората половина од неделата, трговците беа загрижени од знаците на слабеење на побарувачката во САД и Кина.
Увозот на нафта во Кина силно порасна во октомври, но трговците беа загрижени од веста дека рафинериите во најголемиот светски купувач на сурова нафта побарале од најголемиот светски извозник Саудиска Арабија помалку нафта за декември.
„Стравот од прекини во производството поради конфликтот на Блискиот Исток отстапи место на загриженоста за побарувачката“, велат аналитичарите на Commerzbank.
Во такви услови на пазарите веќе се шпекулира со исходот од состанокот на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нивните сојузници за производствена политика, што ќе се одржи на 26 ноември. Фокусот е на Саудиска Арабија, која неодамна одлучи да го намали производството во декември.