Цените на нафтата паѓаат

91

Цените на нафтата се лизнаа до 76 долари на меѓународните пазари во понеделникот, бидејќи стравувањата од негативното влијание на повисоките каматни стапки врз побарувачката го засени начелниот договор во САД за зголемување на лимитот на националниот долг.

На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше за 68 центи пониска во однос на затворањето на тргувањето на крајот на минатата недела и изнесуваше 76,27 долари. На американскиот пазар барелот се тргуваше по пониска цена за 56 центи, од 72,11 долари.  Утрово Брент се ргува по цена од 76,38 долари за барел, а американската за 72,15 долари за барел.

Трговијата во САД и Велика Британија беше слаба на почетокот на неделата поради празниците.

Пазарите здивнаа откако американскиот претседател Џо Бајден и претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Кевин Мекарти минатиот викенд начелно се согласија да го суспендираат лимитот на националниот долг и да ги ограничат државните трошоци во следните две години.

Нивниот договор сепак треба да добие зелено светло во Конгресот, а и двајцата се убедени дека и републиканците и демократите ќе го поддржат.

Внимание веќе на јунската сесија на американската централна банка
Аналитичарите, пак, предупредуваат дека позитивното влијание на договорот на нафтените пазари ќе згасне многу брзо, бидејќи вниманието веќе е префрлено на јунската сесија на американската централна банка и на каматните стапки.

ФЕД најави прекин на циклусот на зголемување на каматните стапки, но сепак може да ги зголеми во јуни, предупредува Тони Сајкамор од ИГ, а „повисоките каматни стапки во САД негативно влијаат на побарувачката за нафта“, потсетува тој.

Пазарите шпекулираат дека американската централна банка би можела да ги зголеми каматните стапки за четвртина процентен поен во јуни, а потоа да ги задржи на новото ниво до крајот на годината.