
На светскиот пазар цените на нафтата паднаа минатата недела, трет пат по ред, бидејќи се очекува дополнително забавување на растот на американската економија, додека кинеската не закрепнува толку брзо како што се надеваа трговците.
На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела падна за 2,5 отсто, на 79,62 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 1,9 отсто, на 75,53 долари.
ФЕД нема да ги намали каматните стапки толку брзо
Во четвртокот цените беа поддржани со одлуката на Европската централна банка за намалување на каматните стапки, што треба да го поттикне растот на економијата на еврозоната, а со тоа и побарувачката на нафта во тој блок.
Но, веќе во петокот цените на нафтата паднаа бидејќи стана сè појасно дека американската централна банка нема да ги намали каматните стапки толку брзо како што се надеваа трговците.
Имено, новите податоци од американскиот пазар на труд покажаа дека во мај бројот на вработени се зголемил значително повеќе од очекуваното, што укажува дека растот на економијата и потрошувачката продолжува со солидно темпо.
Поради ова, инфлациските притисоци би можеле да зајакнат, па јасно е дека ФЕД нема да брза со намалување на каматните стапки додека економскиот раст дополнително не забави.











