Цените на нафтата пораснаа шеста недела по ред

78

Цените на нафтата повторно пораснаа минатата недела, шеста последователна недела, откако најголемите светски производители Саудиска Арабија и Русија одлучија да продолжат да го ограничуваат своето производство во септември, што ја зголеми загриженоста за доволно глобално снабдување.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се зголеми за 1,4 отсто, на 86,24 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 2,8 отсто, на 82,82 долари. На двата пазари цените на барелот се највисоки од средината на април годинава.

Саудиска Арабија го продолжи доброволното намалување на производството на нафта од 1 милион барели дневно до крајот на септември, оставајќи ја вратата отворена за уште едно такво продолжување по септември. Русија, исто така, одлучи да го намали извозот на нафта за 300.000 барели дневно следниот месец.

„Со континуираното намалување на производството, предвидуваме пазарен дефицит од повеќе од 1,5 милиони барели дневно (bpd) во септември, по проценетиот дефицит од околу 2 милиони барели дневно во јули и август“, велат аналитичарите на UBS во белешката до клиентите.

Што се однесува до побарувачката, според рускиот вицепремиер Александар Новак по состанокот на министерскиот панел на групата ОПЕК +, односно Организацијата на земји извознички на нафта и сојузници, глобалната потрошувачка на нафта оваа година би можела да се зголеми за 2,4 милиони барели дневно.

Состанокот не доведе до промени во производствената политика на нафтениот картел, но беше најавено дека доколку дојде до некакви нарушувања на пазарот, тие се подготвени веднаш да реагираат.

Во меѓувреме, официјалните податоци на САД покажаа рекорден пад на залихите на сурова нафта во САД минатата недела за 17 милиони барели, бидејќи извозот на сурова нафта и преработката на рафинериите се зголемија во екот на летната сезона на патувања, поддржувајќи ги и повисоките цени на нафтата. Затоа UBS очекува цените на Брент да се движат од 85 до 90 долари за барел во наредните месеци.