
Цените на нафтата достигнаа нови највисоки нивоа оваа година, откако Саудиска Арабија и Русија – најголемите светски извозници на сурова нафта – рекоа дека ќе го продолжат намалувањето на производството за уште најмалку три месеци.
Нафтата „брент“, глобалниот репер, вчера поскапе за 1,8 отсто и се тргуваше над 90 долари за барел, додека WTI, американскиот репер, порасна сличен процент на 87 долари за барел.
Утрово цените бележат благ пад и Брент се тргува по цена од 89,86 долари за барел, додека WTI за 86,50 долари.
Потезите на Саудиска Арабија и Русија ги зајакнуваат напорите на алијансата позната како ОПЕК + (која вклучува членки на Организацијата на земјите извознички на нафта и други производители) да ги поддржи цените на нафтата со согласување на длабоки и долгорочни намалувања на производството.
Официјален извор од саудиското Министерство за енергија изјави за државната новинска агенција SPA дека кралството ќе го продолжи намалувањето на производството од 1 милион барели дневно до крајот на декември.
Одлуката ќе се „прегледува месечно за да се разгледа продлабочувањето на намалувањата или зголемувањето на производството“, додаде изворот.
Намалувањето на производството во Саудиска Арабија – кое е во сила од јули – е најголемо во последните години и го намали производството на кралството на девет милиони барели дневно.
Тоа е во прилог на намалувањето што претходно го најави Ријад во април 2023 година, кое трае до крајот на декември 2024 година.
Зошто Саудиска Арабија и Русија го намалуваат производството
Според Меѓународниот монетарен фонд, на Саудиска Арабија ѝ е потребна нафта од типот „брент“, која се тргува по цена од околу 81 долар за барел, за да го балансира својот буџет. Кралството падна во буџетски дефицит оваа година, откако пријави суфицит во 2022 година за прв пат по речиси една деценија.
Русија, во меѓувреме, се обидува да собере приходи за да ги поддржи нејзините воени напори во Украина. Рускиот вицепремиер Александар Новак во вторникот рече дека земјата ќе го намали извозот за 300.000 барели дневно до крајот на 2023 година, продолжувајќи ја и претходната обврска.
Новак рече дека одлуката е донесена „со цел да се одржи стабилноста и рамнотежата“ на нафтените пазари, пренесе Ројтерс.
Намалувањето на производството од страна на ОПЕК +, кој произведува 40 отсто од светската сурова нафта, помогна да се зголемат цените на нафтата во последните месеци, што може да има последици за инфлацијата и каматните стапки.