Цените на нафтата се задржаа на ниво под 77 долари за барел

48

Цените на нафтата на меѓународните пазари останаа под нивото од 77 долари, попречени од стравувањата дека слабеењето на економијата во САД, Европа и Кина ќе ја ограничи побарувачката.

На лондонската берза цената на барелот утрово изнесува 76,10 долари. На американскиот пазар барелот се тргува за 71,02 долари.

Трговците се фокусираат на економијата во контекст на прогнозите дека американската централна банка следната недела ќе ги зголеми каматните стапки за половина процентен поен за да ја спречи инфлацијата. Повисоките трошоци за задолжување би ја забавиле економската активност, што би значело и послаба побарувачка за нафта.

И Европската централна банка ќе го следи примерот на ФЕД, и покрај фактот дека економијата на еврозоната речиси сигурно веќе е во рецесија.

Во Кина, пак, зголемувањето на бројот на заразени со коронавирус веројатно ќе го намали економскиот раст во следните неколку месеци, и покрај олеснувањето на одредени епидемиолошки мерки, според економистите, кои предвидуваат закрепнување на активноста само во втората половина од 2023 година.

Во такви услови, цените на нафтата кај договорите со пократок рок на испорака беа пониски од оние со датуми за испорака за шест месеци, што сигнализира дека трговците очекуваат послаба побарувачка.