Цените на недвижностите во Европа паѓаат

79

Евростат објави дека цените на недвижностите во Европа се во пад за прв пат од 2015 година, најмногу поради зголемувањето на каматните стапки и инфлацијата.
Во четвртиот квартал од 2022 година, цените на недвижностите во ЕУ беа за 1,5 отсто пониски отколку во претходниот квартал.

Тоа го потврди и Меѓународниот монетарен фонд, кој објави дека овој тренд е исклучително видлив на некои европски пазари, а како пример ги наведува Чешка, Данска и Шведска, каде цените на куќите паднале за шест отсто.

Недвижностите би можеле да станат уште поевтини во наредниот период доколку централните банки продолжат да ги зголемуваат референтните каматни стапки. Имено, тоа би довело до зголемување на цената на станбените кредити, со што би се намалила побарувачката на недвижности.

Повисоките каматни стапки, исто така, би можеле да го отежнат плаќањето на ратите на постоечките заеми, до тој степен што некои луѓе повеќе не можат да ги враќаат. А тоа би довело до зголемување на понудата на недвижен имот на пазарот, а кога понудата на стока е висока, а побарувачката за неа мала – неговата цена паѓа, објави Банкар.ме.