Црна Гора го укинува „златниот пасош“

53

Програмата според која досега близу 300 странски државјани добиле црногорски документ, познат како „златен пасош“, треба да биде завршена до крајот на годинава, најави премиерот Дритан Абазовиќ.

Како што рече, дополнително ќе се контролираат барањата на граѓаните на Русија и Белорусија кои се или ќе бидат во процедура.

Весникот „Побједа“ пишува дека Брисел е загрижен бидејќи црногорските „златни пасоши“, меѓу другите, би можеле да побараат и руски и белоруски граѓани на кои Европската унија (ЕУ) им воведе санкции поради руската агресија врз Украина.

Од 2019 година, Црна Гора спроведува програма за доделување економско државјанство на поединци кои инвестираат помеѓу 250.000 и 450.000 евра во Црна Гора, и покрај апелите од Европската комисија за укинување на шемата.

За да добијат црногорско економско државјанство, апликантите треба да платат 100.000 евра на владата на барање и да инвестираат најмалку 450.000 евра во еден од проектите во Подгорица или крајбрежјето.

А ако инвестираат во неразвиениот север на Црна Гора, задолжителната инвестиција е 250.000 евра.