Црна Гора ќе воведува построги мерки по раст на бројот на заразени

44

Здравствените власти во Црна Гора ќе предложат воведување на построги мерки откако се регистрирани 65 нови случаи на заразени со коронавирус, што е најмногу во еден ден во последните два месеца.

Земјата поради пад на бројот на заразени ги укина сите епидемиолошки мерки, освен што за концерти, ноќни клубови и други масовни собири ќе треба да се покаже потврда за вакцинирање или негативен ПЦР тест.

Бидејќи најголем дел од новите случаи се во туристичките места, здравствените власти им се заканија на сопствениците на кафулиња и ресторани дека кршењето на епидемиолошките мерки е казниво со пари и затворање на објектот на три дена.

Доколку еден објект повеќе пати ги прекрши епидемиолошките мерки, се затвора на 15 до 30 дена.

Црна Гора на средината на април почна да ги укинува епидемиолошките мерки коишто се целосно либерализирани на почетокот на летната туристичка сезона. Во земјата во овој момент престојуваат повеќе од 100.000 туристи.

Црна Гора не го потврди делта сојот на коронавирус на нејзина територија, но епидемиолозите предупредиле дека наглиот пораст на бројот на заразени е доказ дека се појавуваат нови и опасни варијанти.

Две дози вакцини досега примиле 35% од полнолетното население во земјата.

Фото: Pexels