Врвното црвено вино Vase de Pierre 2017 се закити со златен медал на еден од најпрестижните вински натпревари MUNUDIS VINI, што се одржува во Германија. Vase de Pierre 2017 е произведено во француската винарница Château de Gourdon, која е дел од Tikveš Châteaux & Domaines.
Идеалниот баланс на сортите црн гренаш и сира, црвенаta рубин боја и интензивната арома на диви јагоди, црвена рибизла, малини и мајчина душичка, со кои се одликува виното Vase de Pierre 2017 беа оценети со највисока награда – златен медал, што ја додели жири комисија составена од 170 вински експерти од 45 земји од светот, во рамките на летната сесија на тестирање. Дополнителна одлика на ова врвно вино е мека, но сложена текстура и изразено долг финиш во кој доминираат цветни и ноти на малина и ликер, силно изразувајќи ја неговата уникатна ароматика.
Ова не е прв златен медал за вината на Тиквеш и Tikveš Châteaux & Domaines на MUNDUS VINI годинава. Во рамките на пролетното оценување, златни медали освоија пет врвни вина. Воедно, Vase de Pierre 2017 минатиот месец доби уште една висока оценка од Џеб Данак, светски афирмиран вински критичар, кој произлегува од тимот на „Wine Advocate”, на прочуениот вински експерт Роберт Паркер.
Виното е дел од портфолиото на Tikveš Châteaux & Domaines, во кое спаѓаат вината произведени во винарницата во Франција Château de Gourdon, како и македонските Barovo, Bela Voda и Lepovo. Карактеристика за овие вина е што потекнуваат од строго контролирани лозови насади кои се дел од самиот посед и каде климатските услови, сонцето, водата, ветерот и почвата, со еден збор – ‘тероарот’, се во совршен баланс кој е идеален за производство на префинети вина со извонреден квалитет. Овие вина се со заштитено географско потекло, се произведуваат во ограничени количини и имаат уникатен карактер.
Поседот Château de Gourdon е сместен во јужниот дел од долината на реката Рона во Франција. Првите лозови насади на оваа локација биле подигнати уште во 1870 година, а денес се простираат на 50 хектари, во ридест предел. Лозјата имаат јужна експозиција што овозможува гроздовите да бидат изложени на сончевите зраци во текот на целиот ден, додека ветерот мистрал, кој често е присутен, овозможува гроздовите да останат здрави и помалку подложни на болести. Овие фактори, во комбинација со песокливата почва, овозможуваат грозјето одгледано на лозовите насади на Château de Gourdon да е со висок квалитет во текот на секоја берба, што пак придонесува за производство на комплексни вина со изразена ароматика и карактер.
MUNDUS VINI е еден од најпрестижните натпревари за оценување на вина во светот, кој се одржува веќе 18 години. Секоја година на натпреварот се пријавуваат над 10.000 вина од светот во рамките на пролетната и на летната оценувачка сесија. Жири комисијата ги оценува вината врз основа на бодовен систем од 100 поени.